Дијабетична Невропатија
За пациенти со Diabetes mellitus
Дијабетесот со себе носи бројни компликации. Основата е оштетување на крвните садови, односно атеросклероза, а оштетувањето на крвните садови кои ги хранат нервите доведува до т.н дијабетична невропатија.
Половина од луѓето со дијабетес ќе имаат симптоми на невропатија по 10 годинии повеќе години, без оглед на тоа колку добро е контролиран дијабетесот.
Дијабетичната невропатија е честа и сериозна компликација на дијабетес тип 1 и 2, која вклучува оштетување на нервните влакна предизвикани од високо ниво на шеќер во крвта. Симптомите на невропатија зависат од видот на зафатените нерви и може да варираат од болка и пецкање во екстремитетите, до проблеми во дигестивниот и уринарниот тракт, крвните садови и срцето.
Најзначајниот фактор на ризик за развој на дијабетична невропатија е долготрајната хипергликемија (висок шеќер во крвта), но тука се придружуваат и други фактори кои можат да го зголемат ризикот за развој на дијабетична невропатија како на пример коронарна болест, покачени нивоа на триглицериди во крвта, вишок телесна тежина (индекс на телесна маса БМИ >25), пушењето и покачениот крвен притисок.
Постојат неколку форми на дијабетична невропатија:
1. периферна полиневропатија ,
2. дијабетична амиотрофија и мононевропатија, и
3. автономна невропатија.
Симптомите и знаците зависат од типот на невропатија т.е. од типот на зафатените нерви. Симптомите се развиваат постепено. Некои пациенти имаат благи симптоми, додека други може да имаат силна болка што го нарушува квалитетот на нивниот живот. Во екстремни случаи, невропатија може да биде причина за неподвижност на пациентот, па дури и фатален исход.
Периферната форма на невропатија, позната како полиневропатија, е најчеста. Симптомите започнуваат со пецкање, печење или жарење кое започнува на стапалата, а подоцна ги зафаќа рацете, болката е поизразена ноќе и постепено се влошува дури и при допир на ќебето и може да премине во неподнослива болка која го нарушува сонот на пациентот. Пациентите најчесто наведуваат дека мора да стануваат и да одат во текот на ноќта.
Често доаѓа до промена на текстурата на кожата на табаните и потколениците, која станува тенка и црвеникава, опаѓање на влакната, ноктите лесно се кршат, а често и најмалите рани тешко зараснуваат.
Кај дијабетичната невропатија, типично е дека поплаките се поизразени при мирување, особено ноќе, за разлика од периферната артериска болест, кај која поплаките се јавуваат при одење.
Автономната невропатија се јавува како оштетување на нервите кои ја инервираат работата на внатрешните органи. Ова резултира со недоволно регулирање на крвниот притисок при стоење (ортостатска хипотензија), што доведува до вртоглавица, нестабилност, губење на свеста и паѓање со повреда. Често овие симптоми се поврзани со губење на еректилната функција и нарушувања на мокрењето како задржување и инконтиненција на урина, потоа симптоми поврзани со гастроинтестиналниот тракт како запек, неконтролирана дијареа и бавно празнење на желудникот наречено гастропареза.Еден од најдраматичните и животнозагрозувачки знаци на оваа комликација претставува одсуството или непрепознавање на хипогликемиите од страна на пациентите и е аларм за превземање на сериозни чекори во лекувањето.
Компликации
Компликациите на дијабетична невропатија може да бидат многу сериозни. Губењето на чувството за топлина, студ и болка кој го зголемува ризикот од повреда. Повреди кои би предизвикале болка кај здрави индивидуи (повреда на стапалото со остар предмет, носење чевли што предизвикуваат плускавци, враснати нокти) нема да предизвикаат болка кај пациенти со развиена невропатија. Ако стапалата не се прегледуваат секојдневно, дури и мали повреди може да доведат до развој на големи чирови-улкуси. Најсериозната компликација на улкус на стапалото е гангрената која води до ампутација на палец, стапало или дел од нога во екстремни случаи.
Неколку корисни совети
Секојдневно проверувајте ги стапалата за исекотини, црвенило, оток, чиреви, плускавци, калуси или какви било други промени на кожата или ноктите.
Совет е да користите огледало ако не можете да го видите дното на вашите стапала или да побарате од член на семејството да ви помогне.
Мијте ги нозете секој ден во топла, но не врела вода. Секогаш исушете ги стапалата.
Никогаш не одете боси. Секогаш носете чевли, патики и чорапи или влечки, дури и во затворен простор, за да избегнете повреда.
Носете чевли кои ви одговараат, и внимавајте секогаш да носите чорапи со чевлите.
Исечете ги ноктите на нозете и нежно измазнете ги сите остри рабови со турпија.
Прегледајте ги стапалата при секоја посета на лекар.
Изберете активности погодни за нозете, како што се пешачење, возење велосипед или пливање.
Третман
Постојат три главни компоненти на третманот на дијабетична невропатија кои можат да ги ублажат симптомите и да спречат компликации, а тие се:
- Контрола на шеќер во крвта (контрола на гликемијата)
- Самопреглед на стапалата за спречување на компликации
- Практикување на физичка активност најмалку 150 минути неделно.
Постигнувањето на оптимална контрола на гликемијата претставува единствената широкприфатена терапевтска опција за третман на дијабетична невропатија.
Засега терапијата е дијабетичната невопатија претежно симптоматска, а другата терапевтска насокаво третманот би била насочена кон патогенетскитепроцес кој лежи во основата на болеста а тоа е оксидативниот стрес се јавува во состојби на хипергликемија и слободни радикали кои ги оштетуваат крвните садови кои ги исхрануваат нервите. Токму во овој правец се и лековите кои се на располагање на вашиот ендокринолог во превенцијата дијагностиката и лекувањето оваа дијабетична компликација.