Здрава и Балансирана Исхрана

Kонсултирајте се со ендокринолог и прилагодете ја исхраната според Вашите потреби и цели...

Физичка активност

Физичката активност не мора да биде задача, туку задоволство.

Контрола и
Самоконтрола

Самоконтролата е клучна вештина во одржувањето на здрав животен стил..

Контролата е пресудна за потврда на Вашето придржување кон правилен третман на дијабетисот!

ДОБРОДОЈДОВТЕ ВО ПРВОТО ОНЛАЈН СОВЕТУВАЛИШТЕ ЗА ДИЈАБЕТЕС!

Дали знаете дека 90-95% од дијабетичарите имаат тип-2 дијабетес? Дали знаете дека дијабетесот е тивок убиец и е еден од најголемите причини за губење на видот, ампутации, откажување на бубрезите, кардио- васкуларни проблеми? Дали знаете дека една третина од луѓето не знае дека има дијабетес? Дали знаете дека дијабетесот е хронична доживотна болест?

Но науката оди напред и секојдневно има нови иновативни решенија како во медицинската терапија, така и во третманот со правилната исхрана и физичката активност. Токму заради тоа преку ова советувалиште сакаме да допреме до што поголем дел од лицата со состојба на дијабетес, со цел да помогнеме да се спречат непоскуваните компликации на својот живот, животот на своите но и на општествената заедница. Во оваа насока се и препораките на Интернационалната федерација за дијабетес за ЗНАЧЕЊЕТО СО ЦЕЛ ДА ГО ЗАЧУВАМЕ НАШЕТО УТРЕ.

ЕДУКАЦИЈА

Добрата едукација е есенцијална за развојот на индивидуите и општеството. Стимулира критичко мислење, креативност и социјална мобилност. Обезбедува индивидуален развој и основа за успешно справување со предизвиците.

Д-р Катерина Адамова

Доктор на Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболни заболувања

Дијабетес мелитус

Дијабетес мелитус е хронично и доживотно заболување што се карактеризира со покачување на нивото на шеќерот во крвта, како резултат на апсолутен или релативен недостаток на инсулин. Инсулинот е хормон што се лачи во панкреасот, кој ја отклучува бравата на клетката за да може шеќерот да навлезе во неа и да биде искористен како гориво, односно енергија. Кога постои недостаток на инсулин, ова не може да се спроведе и доаѓа до покачување на шеќерот во крвта. Долгорочноста на покачен шеќер во крвта доведува до низа компликации како што се: мозочнен удар, инфаркт на миокардот, слепило, ампутации на потколеницата, прстот или стапалата.

Видови на дијабетес

Постојат два основни видови дијабетес, и тоа ТИП 1 и ТИП 2. Дијабетесоттип 1 се карактеризира со апсолутен недостаток на инсулинска секреција од страна на панкреасот. Тоа доведува до брзо покачување на шеќерот во крвта поради што пациентот мора веднаш да се постави на инсулинска терапија. Добрата страна е што овој вид дијабетес се јавува кај помал дел од популацијата, но лошата страна е што се јавува кај младата популација, и тоа најчесто од 4 до 18 години, но понекогаш може да се појави и на возраст до 40 години. Дијабетес тип 2 се јавува кај најголем дел од населението, и тоа кај повозрасната популација и кај популацијата со зголемена телесна тежина. Всушност, тука станува збор за инсулинска резистенција, односно инсулинот не се лачи доволно (намалена е инсулинската секреција) или не тогаш кога е потребен. Поради тоа, телото е принудено да лачи поголеми количества инсулин. Ако таа состојба трае подолго време, доаѓа до исцрпување на резервите од инсулин кај тие пациенти. Терапијата кај дијабетес тип 2 е следната: Промена на животниот стил Таблетарна терапија Инсулинска терапија. Напомена: Лицата со тип 2 на инсулинска терапија не преминуваат во тип 1, туку се лица од тип 2 поставени на инсулинска терапија. Во останатите видови дијабетес влегува гестацискиот дијабетес, кој се јавува најчесто прв пат за време на бременост, кај жени со покачена телесна тежина, обично во вториот дел на бременоста. Тие се водат со промена на начинот на исхрана, но ако не доаѓа до регулирање на шеќерот во крвта, тогаш се поставуваат на инсулинска терапија, која се прекинува по породувањето. Меѓутоа, треба да се напомене дека овие лица имаат предиспозиции да добијат дијабетес најчесто во подоцнежните години, посебно ако ја покачуваат телесната тежина. Секундарен дијабетес е вид дијабетес што се добива по користење некој вид терапија (кортикостероиди), но по прекинување на терапијата оваа состојба се губи. Предијабетес или скриен шеќер е состојба при која нивото на шеќерот во крвта е покачено, но недоволно за да се дијагностицира како дијабетес. Всушност, тоа е состојба што не ги исполнува критериумите за дијабетес мелитус тип 2, а сепак се карактеризира со покачено ниво на шеќер во крвта. Ако пациентот се придржува кон препораките за исхрана и физичка активност, може никогаш да не премине во дијабетес. Но, ако пациентот не се придржува кон препораките за промена на животниот стил, тогаш тоа лице се дијагностицира како лице со дијабетес мелитус тип 2.

Поставувањето на дијагнозата на дијабетес мелитус се прави на неколку начини

1. Метод на орален тест за толеранција на гликоза Се мери шеќерот во крвта, потоа се оптоварува пациентот со 75 мг гликоза и по 2часа повторно се мери шеќерот во крвта. Нормални вредности се макс. 6.1 на гладно и макс.7.8 по оптоварувањето. Ако вредноста на шеќерот во крвта по 2 часа се движи од 7,8 до 11, тогаш се работи за состојба на предијабетес. Ако шеќерот во крвта 2 часа по јадење е над 11,1, тогаш се работи за состојба на дијабетес. Овој метод се применува три месеци по породувањето ако лицето имало гестациски дијабетес. На тој начин ќе се утврди дали и понатаму постои или не постои дијагноза. Истиот метод се применува и за постковид-дијабетесот, еден месец по прекинот на кортикотерапијата.
2. Метод на случаен избор на мерење шеќер во крвта Ако шеќерот во крвта при две случајни мерења на гладно изнесува над 7 или при мерење во кое било време изнесува над 11, тогаш се поставува дијагноза дијабетес.
3. Утврдување тримесечен просек или гликолизиран хемоглобин A1 C Тримесечен просек е мерна единица што е произлезена од животниот век на клетките на еритроцитите, кој трае три месеци. Овој метод најдобро е да се користи заради следење на терапијата (дали да остане иста или да се коригира).

Основни насоки во исхраната при состојба на дијабетесот

Исхраната претставува интегрален дел при третманот на дијабетесот. Ако пациентот се придржува кон препораките за правилна исхрана, тоа ќе придонесе за подобро регулирање на шеќерот во крвта. Пациентите со сотојба на дијабетес треба да внесуваат протеини, масти и шеќери, но во соодветен сооднос. Пациентите кои се на таблетарна терапија треба да имаат три главни оброци и две ужинки распределени во одреден временски термин. Пациентите кои се на инсулинска терапија треба да имаат три главни оброци и 3-4 ужинки со цел да се направи урамнотежување на нивото на шеќерот во крвта, односно да се спречат поголеми варијации на истиот. Кето-диетата за лицата со дијабетес не се препорачува поради нивните преосетливи бубрези. Калорискиот внес на храната е различен. Кај пациенти со голема телесна тежина се препорачува 1300 ккал. Кај пациенти со добра телесна тежина се препорачува 1600 ккал. Кај пациенти со помала телесна тежина се препорачува 1800 ккал. Кај трудници се препорачува до 2000 ккал. Кај сите пациенти препораките треба да бидат следени од доктор.

Контролата е многу важен дел од третманот на дијабетесот

Докторот го користи хемоглобинот A1C за да го види успехот на терапијата. Во домашни услови треба да се врши мерење на шеќерот во крвта со помош на гликомери (глукометри). Кај пациентите со дијабетес тип 2 се препорачува мерење до два пати во денот. Кај пациентите со дијабетес тип 1 мерењето треба да биде и до седум пати за да се превенираат или да се коригираат хипер или хипогликемиите. Исто така мерењето на шеќерот во крвта треба да биде почесто ако пациентот има некоја болест како инфекции, инфаркт,мозочен удар и сл.

Инсулинска терапија

Инсулинска терапија се дава и кај тип 1 и кај дијабетесот тип 2, со тоа што таа е неопходна кај дијабетесот тип 1, додека кај тип 2 се дава кога ќе се исцрпат инсулинските резерви на панкреасот. Инсулините се поделени според времетраењето, и тоа со кратко, средно, долго и многу долго дејство. Инсулините со кратко дејство се даваат за да се намали покачениот шеќер кај секој оброк и посебно се користат кај пациентите со дијабетес тип 1. Останатите инсулини се даваат во зависност од состојбата на пациентот. Инсулините може да бидат искомбинирани (во едно пенкало да има брз и бавен инсулин). Лекарот решава кој тип инсулин ќе го користите. Кај пациентите со дијабетес тип 1 мора се даваат три брзи инсулини во текот на денот, со тоа ќе што се покрие покаченото ниво на шеќерот за појадок, ручек и вечера. Навечер се дава т.н. базален инсулин. Базалниот инсулин може да биде со долго дејство (дејствува 24 часа) и ултрадолгодејствувачки инсулин (кој дејствува 48 часа). Постои и нова терапија која им се дава на пациенти со дијабетес тип 2. Тоа се GLP-аналози кои се даваат за намалување на шеќерот (во форма на таблети или во форма на инјекции). Таа е одличен избор за лица што имаат кардиоваскуларни заболувања. Инсулинската терапија не создава зависност, туку овозможува подобра гликорегулација, се спречуваат компликациите и се штити здравјето.

Хипогликемија

Хипогликемијата претставува акутна компликација на дијабетесот која се дефинира како намалено ниво на шеќерот во крвта под 3,9 ммл. Се јавува кај пациентите со дијабетес, а кои имале зголемена физичка активност или примање недоволно количество јаглехидрати или земале поголема доза од својата терапија. Се манифестира со појава на бледо препотување, замор, малаксаност и големо чувство на глад. Степенот на хипогликемијата може да биде: Полесен степен – треперење и малаксаност Втор степен – поспаност Трет степен – ако не се преземе ништо претходно, доаѓа до хипогликемична кома. Состојбата на хипогликемија може да се јави во различни ситуации. Како може пациентот сам да си помогне? Самопомошта може да биде на следниот начин: Се земаат прво прости шеќери за да се постигне подигнување на нивото на шеќерот, а потоа се земаат сложени шеќери (ориз, грав, компир) за да се регулира шеќерот во крвта. Глукагонот помага за брзо покачување на шеќерот. Глукагонот не се препорачува кај хипогликемија поради зголемена физичка активност. Во таков случај не може да помогне. Глукагонот може да помогне само кога пациентот јадел, но недоволно.

Хронични компликации

Хроничните компликации кај дијабетесот се однесуваат на малите крвни садови на целото тело. Тие се многу важни бидејќи додека се развиваат, не даваат никакво предупредување и пациентите не забележуваат дека тие компликации полека се развиваат. Најважни се компликациите на малите крвни садови на очите, односно дијабетичната ретинопатија, на малите крвни садови на бубрезите, односно дијабетичната нефропатија и на малите нерви и крвни садови најчесто на нозете и рацете, но и на целото тело, односно дијабетична невропатија. Дијабетичната ретинопатија, всушност, значи оштетување на крвните садови на дното на окото и со тек на времето, ако не се нормализира шеќерот и не се третира почетната фаза на ретинопатијата, може да дојде до нарушување на видот. Затоа е потребно да се прави редовен скрининг кај пациентите со дијабетес без разлика дали е тип 1 или тип 2, и тоа барем еднаш годишно да се прави преглед на очното дно. Тоа значи дека не треба да се гледа дали пациентот гледа блиску или далеку, туку треба да се прошири очното дно и да се види дали се развива дијабетична ретинопатија. Дијабетичната нефропатија значи оштетување на малите крвни садови на бубрезите. Таа напредува постепено, доведува до оштетување на бубрежната функција и до крајниот стадиум кога бубрегот не функционира и е потребна терапија со дијализа.Дијабетичната нефропатија треба да се превенира со проверување на урината. Се проверува дали во урината постојат протеини. Природно, бубрегот не смее да пропушта протеини. Затоа, ако почне да пропушта протеини односно албумини, тоа е знак дека има почетно оштетување. Она што може да се направи е да се направи еден тест. Со стик-лента треба да се провери дали постои одредено ниво на албумини во урината. Ако постои, тогаш треба посериозна гликорегулација и посериозно следење на оваа состојба. Нивото на микроалбумини во урината не смее да биде повеќе од 20 нано гр. на млл. Дијабетичната нефропатија, ако не се регулира, доведува до оштетување на бубрезите, а тоа од своја страна доведува до покачување и тешко регулирање на крвниот притисок, анемија. Дијабетичната невропатија дава знаци за предупредување за разлика од другите компликации. Тие знаци се чувство на трпки, мравки, чешање, па дури и до болка. Најчесто започнува од стапалата. Постепено тоа чувство се качува до под колената. Тоа чувство е во вид на чорап. Ги зафаќа потколениците, колената и натколениците. Ако се појават симптомите како пецкање, трпки, мравки, пациентот треба да се консултира со лекарот. Притоа се дава одредена терапија која ќе помогне, но не и целосно. Затоа овие видови компликации треба да се откријат навреме, да се следат и третираат за да не се доведе под прашање квалитетот на животот, односно да не дојде до инвалидитет.

Физичка активност

Физичката активност претставува интегрален дел од третманот на дијабетес мелитус. Уште од самиот почеток, кога ќе се дијагностицира дијабетес, се советуваат пациентите за соодветна физичка активност и соодветна исхрана. Тоа се основните елементи од терапијата кај овие пациенти. Физичката активност секогаш зависи од здравствената состојба на пациентот, од неговата кондиција, од типот на дијабетесот и од моменталната гликемија. Секогаш се советува со докторот и сестрата едукатор кој вид физичка активност одговара на пациентот. Така, на пример, лице со тип 1 што има 35 години, кое е многу активно и нема други болести, не е исто како лице од 75 години и има последици од мозочен удар и е недоволно подвижно. Затоа мора да се консултирате со лекарот и сестрата. Физичката активност влијае врз намалувањето на шеќерот во крвта, намалувањето на телесната тежина што, од своја страна, исто така доведува до регулација на гликемијата. Исто така, физичката активност влијае врз расположението, но и за подобрување на кондицијата. Сето ова доведува до подобрување на општата состојба. Затоа се советуваат сите пациенти, согласно со препораките на лекарот и сестрата едукатор, дека треба да практикуваат соодветна физичка активност. Се одредува што е најдобро за пациентот за да има најголем ефект.

Мед. сестра Татјана Ѓорговски

Eдукатор во центарот за дијабетес при Универзитетската клиника на ендокринолигија во Скопје,на Високата школа при Мед.факултет Скопјe и претседател на ендокринолошките и дијабетолошките сестри “Ендо- Дија”.

Анализи за дијагностицирање на дијабетесот

За дијагностицирање на дијабетесот, се прават два вида тестови, и тоа:
1. Орален гликолизиран тест за толеранција
2. Тримесечен гликолизиран хемоглобин A1C.
За правење орален тест за толеранција на гликоза, потребни се следните подготовки што ќе му ги соопшти сестрата на пациентот, и тоа:
- тестот се прави во амбулантски услови
- сестрата го подготвува пациентот
- подготовката за тестот трае три дена
- пациентот во текот на тие три дена треба да се оптоварува со гликоза така што треба да се земат три чоколада кои треба да се консумираат по 100 грама секој ден, но поделено на три дела (појадок, ручек и вечера)
- во текот на трите дена треба да се прават и други оптоварувања при исхраната како леб, сокови и други видови храна што содржи шеќери
- третиот ден од 20 часот навечер не се јаде, а се пие вода или чај без шеќер
- значи, 12 часа пред тестот ништо не се јаде
- во 8 часот се доаѓа во амбуланта
- во 08:15 се одмара- во 08:30 седнува на стол за боцкање, се вади венска крв, а потоа му се дава 75 грама шеќер во прав кој е растворен во 200 мл вода, а кој треба да го испие одеднаш или на двапати
- два часа мирува, не јаде, не пие, не пуши, не шета
- по два часа повторно се вади венска крв и тогаш пациентот остава урина од која се проверува дали има шеќер или ацетон
- орален тест за толеранција на гликоза се прави и кај бремени жени за да се утврди дали се работи за гестациски дијабетес Притоа кај нив не се прави оптоварување со гликоза, додека постапката за тест е иста, со тоа што при второто боцкање по два часа оставаат урина. Анализата на тримесечниот просек се прави во кое било време, без разлика дали пациентот е гладен или не. Истото се изразува во проценти. Всушност, се утврдува колку вишок на шеќер во крвта се врзал за хемоглобинот. Имено за хемоглобинот се врзуваат разни елементи како кислород, но се врзува и гликоза. Со анализата, всушност, гледаме колку вишок на гликоза се врзал со црвените крвни зрнца. Бидејќи тие живеат три месеци, но секој ден умираат и секој ден се создаваат нови, затоа резултатот се изразува во проценти. Тоа на докторот ќе му покаже каква била регулацијата на лицето со дијабетес во претходните три месеци.

Инсулинска терапија

Инсулинската терапија се добива во инсулинската аптека, каде што се добива во вид на пенкала за месечен третман, инсулински игли и инсулински ленти. Секој добива соодветен вид инсулин според препораките на лекарот и различен број пенкала во зависност од одредената доза. Од добиените пенкала се издвојува она што прво треба да го користите и кое треба да стои на собна температура, а останатите се ставаат во фрижидер, најдолу во делот за овошје, на температура од 4 до 8 степени. Ако инсулинот не се искористи за еден месец, треба да се фрли и да се земе ново инсулинско пенкало. Техниката на користење на инсулинските пенкала е иста за сите. Најпрво се зема пенкалото, на него се поставува игличка, се завртува пенкалото до 4 инсулински единици и се истиснува така исправено. Потоа се завртува до соодветната доза и се подготвува за боцкање. Боцкањето може да се врши на раката во пределот од рамото до лактот, на ногата во делот од коленото до колкот на предниот дел, околу папокот лево, десно, горе, доле. Боцкањето се врши под прав агол или максимум под 45 степени. Нашата кожа не ја штипеме, не ја прекршуваме, освен ако сме премногу слаби. Кога ќе го аплицираме инсулинот, броиме до 20 секунди и потоа го тргаме пенкалото. Ако на него сè уште има капка, значи дека треба да го држиме пенкалото повеќе од 20 секунди.Инсулинските пенкала што содржат два вида инсулин (како две во едно) обично се со бела боја и нив треба да ги протресеме неколку пати пред употребата, а потоа да ги аплицираме. Има инсулини кои се состојат од три дела, со тоа што имаат патрони кои се менуваат, додека пенкалото останува исто. Со истата игличка може да се аплицира неколку пати, но ако се искриви или ако местото боли, тогаш треба да се замени и порано. Кај дијабетес тип 1 имаме и глукагон, кој се користи кога пациентот има хипогликемија. Кога се патува, треба да се носи во личниот багаж. Не смее да се замрзнува ниту да се стопли. Ако настане промена во бојата или се сомневате во инсулинот, треба да го фрлите. Ако се погоди капилар, може да се случи да се внесе крв преку игличката. Тогаш инсулинот треба да се фрли. На плажа треба да се носи во посебна кутија во која инсулинот е заштитен од топло. Местото за аплицирање не треба да се дезинфицира. Кожата треба да биде чиста и сува. По аплицирањето, може да се дезинфицира местото. Кога се аплицира во рака, треба да се мирува барем половина час. Исто така, ако се аплицира на ногата, не се препорачува да се пешачи веднаш, туку барем по еден час.

Состојба на хипогликемија

Хипогликемија е пад на шеќерот во крвта под нормалата, односно под 3,5ммл. Знаци на хипогликемија може да има пациентот кога има високи гликемии долго време, на пр., 15, 16 и кога ќе падне шеќерот на 5ммл. Најчести знаци на хипогликемија е таканаречената волча глад, обилно потење, малаксаност и тресење на рацете. Прва помош е да се застане, со себе да се носи шеќерчиња или кока кола. Притоа, може да се растворат трите ќесички шеќер во вода или во кока кола. Кога ќе ни стане подобро, тогаш земаме оброк со сложени јаглехидрати. Причините за паѓање на нивото на шеќерот во крвта може да бидат повеќе: Може не сакајќи да биде ставено повеќе инсулин. Може помалку да се јадело по земањето на инсулин. Ако се земе алкохол на гладно. Може неподготвено сме започнале некоја физичка активност. Исто така, како прва помош може да се користи глукагон. Глукагонот е контраинсуларен хормон што се лачи од алфа-клетките на панкреасот. Тој има својство да го качи шеќерот во крвта без да се јаде. Ако хипогликемијата е настаната поради физичка активност. Тогаш треба да се земе оброк со чисти шеќери, а потоа со сложени шеќери.
Напомена: При хипогликемија не се препорачува ниту бонбони ниту чоколада бидејќи побавно се ресорбираат, а пациентот може и да се задави.
Заклучок: При хипогликемија најдобро е да се земат прости шеќери, кока кола, слатка напивка или мед

Физичка активност кај дијабетес тип 2

За физичката активност треба да се знае дека:
- Не треба да се има физичка активност при состојба на хипогликемија
- Не треба да се има физичка активност при состојба на хипергликемија
- Пациентот треба секогаш да има физичка активност при нормална гликемија.
За добра гликорегулација, покрај терапијата и исхраната, исто така има големо влијание и физичката активност. Основни работи што треба да ги знаеме за физичката активност се следните:
1) Гликемијата треба да биде до 15ммл
2) Да облечеме покомотни облека и обувки
3) Да се носат памучни чорапи
4) Да се прави по оброк, по 30-40 мин.
5) Прошетката може да биде со шетање или возење точак
6) Километражата треба да биде 3-5 км.
7) Треба да се движи право по рамен пат и не многу брзо
8) Треба да се прави секој ден или барем три пати во неделата
9) Важно е да имаме биоритам во термините на пешачење.

Нега на стапалата кај лицата со дијабетес

Проблемите со стапалата кај лицата со дијабетес настануваат како последица на три примарни фактори: невропатија (оштетување на нервите), ослабена циркулација и намалена отпорност кон инфекции. Исто така, деформитетите и траумите на стапалата имаат важна улога во настанувањето на ранички и инфекции кога се присутни невропатија или ослабена циркулација.
-Невропатија (оштетување на нервите)
Исчезнува способноста за чувство на допир, болка, температурни промени, вибрации.Невропатијата предизвикува повреди кои остануваат непрепознаени и нелекувани подолг временски период. Може да се јави и чувство на жежење на стапалата или јаки болки што го нарушуваат сонот. Имено, болната невропатија може да се јави во комбинација со губење на осетливоста. Невропатијата може да ги засегне и нервите кои одат до мускулите на нозете. Оваа т.н. моторна невропатија може да предизвика мускулна слабост или губење на тонусот на нозете и стапалата, што може да доведе до деформации на нозете.
-Ослабена циркулација
Луѓето со дијабетес често имаат нарушување на циркулацијата што може да се манифестира со јаки болки кои се јавуваат при движење. Симптомите може да се потенцираат со појава на болки и во мирување, што е проследено со промена на бојата и температурата на кожата на нозете. Кожата може да стане сјајна, тенка и лесно да се оштетува. Може да се јави намалување на влакнавоста и задебелување на ноктите. Ослабената циркулација резултира со намалување на крвниот проток на стапалата, со што се намалува дотурот на кислород и на хранливи материи кои се неопходни за обновување. Заздравувањето од повреди, инфекции е отежнато.
-Инфекции
Луѓето со дијабетес се почесто подложни на инфекции кои може да бидат габични и бактериски.
-Деформитети на стапалата
Различните видови деформитети на стапалата се почести кај лицата со дијабетес отколку кај другите луѓе. Невропатијата може да доведе до зголемен ризик за појава на плускавци, пликови и ранички кои ако не се третираат, може сериозно да се искомплицираат.
-Ранички на стапалата
Раничките на стапалата најчесто претставуваат безболно место на дното на стапалото или на горниот дел на прстите, предизвикано од зголемен притисок на тоа место. Повреда од топло, ладно, од остар предмет, притисок од чевли се најчестите причини за настанување ранички. Невропатијата и загубеното чувство за болка дозволуваат да се развие ваква повреда и долго да остане непрепознаена. Ваквите ранички се отворено болно место што е изложено на инфекции кои често може да продрат до самата коска. Ваквите промени мора рано да бидат препознаени и соодветно лекувани за да се избегнат потешки оштетувања на стапалата.
-Превенција
Најважно е крвниот шеќер да биде во нормала, да се приспособува терапијата и да се овозможи едукација на луѓето со дијабетес. Луѓето со дијабетес треба да се советуваат што треба, а што не треба да прават.

Што треба да се прави?

Прегледувајте ги стапалата секој ден, особено меѓу прстите и забележувајте каква и да е промена на кожата или бојата. Ако не можете да ги прегледате табаните, направете го тоа со огледалце. Секогаш кога можете, а особено кога станувате од кревет, размрдајте ги прстите. Мијте ги стапалата секој ден со млака, истечна вода и со благ неутрален сапун. По миењето, бришете ги нозете со памучна крпа, особено внимателно бришете го просторот меѓу прстите. На крајот намачкајте ги стапалата со крем, но не и просторот меѓу прстите. Избегнувајте многу ниски или многу високи температури. Ако стапалата ви се ладни, облечете памучни или волнени чорапи што не ве стегаат. Секогаш носете кожени или платнени чевли кои ви се удобни. Проверете дали во чевлите или чорапите има нешто што може да ве повреди. Сечете ги ноктите со криви ножички или со педикерска клешта. Ноктите треба да се сечат рамно за да се избегне повреда на околното меко ткиво. Информирајте го докторот за какви било промени што ќе ги забележите на бојата на кожата, за болки или невообичаени сензации како жежење, боцкање, чувство на трпки на нозете и слично.

Што не треба да се прави?

Не ставајте крем меѓу прстите, туку сува пудра откако ќе ги избришете и исушите прстите. Не ги загревајте стапалата со грејни тела како електрични перничиња, термофори, радијатори, печки, топли тули. За сечење на ноктите никогаш не користете остри ножички, нож, грицкалки или жилет. Не отстранувајте ги задебелените места на кожата и плускавците. Не користете средства за отстранување на плускавците или какви било видови ханзапласт и самолепливи ленти. Додека седите, избегнувајте да ги прекрстувате нозете бидејќи ова може да предизвика притисок на нервите и на крвните садови.

Годишен одмор

Планирање на годишниот одмор Лицата со дијабетес, освен основните работи што треба да ги носат, треба да го подготват и она што им е потребно за нивниот дијабетес. Торбичка во која ќе има инсулин, резервен инсулин, апаратче за мерење шеќер и ленти за почесто мерење шеќер, глукагон, бонбони со гликоза, идентификација дека се работи за лице со дијабетес. За одење на бања треба консултација со лекар и со физиотерапевт. Препорака: Не треба самите да преземате одговорност без консултација со вашиот лекар.

Психолог Дуња Божовић

Да ја превземеме одговорноста за сопствените емоционални потешкотии.

Како да се создаде желбата (за управување со дијабетесот) за живот со дијабетес?

Целта на психологот Дуња Божовиќ е да придонесе за поквалитетен живот при состојба на дијабетес.
Нејзиното мото е:
Да се живее со дијабетесот не е лесно, но може да се живее. Облици преку кои се гледа недостаток на волја се:
Незаинтересираност, одлагање и игнорирање.
Чувствата може да бидат: ПРИЈАТНИ И НЕПРИЈАТНИ, ЗДРАВИ И НЕЗДРАВИ
ЗДРАВИ:
ПРИЈАТНИ(Среќа,Радост,Возбуда,Задоволствo)
НЕПРИЈАТНИ(Жалост, Тага,Претпазливост, Каење, разочараност, незадоволство)
НЕЗДРАВИ:
Заљубеност Бес Восхитеност Депресија Воодушевување Страв Блаженство Паника Рамнодушност Анксиозност, навреденост, вина, срам
Ако постои недостаток на волја за својот дијабетес, тогаш има нездрава емоција (најчесто страв или лутење). За емоциите е одговорен нашиот начин на размислување, односно како гледаме на работите.
Препораки:
1. Разговарајте со вашите најблиски
2. Побарајте го здружението во вашата општина.

Како да се надмине стравот при состојба на дијабетес?

Најчест страв кај лицата со дијабетес
Хипогликемија
Страв од компликации
Чувство на страв и непријатност во јавните, социјални ситуации
Стравот е реакција на организмот од некоја реална опасност или потенцијална опасност. Стравот го создаваме сами. Со него не треба да се бориме, туку треба да го надминеме.
Стравот се одржува или зголемува ако:
• Ја преувеличуваме веројатноста дека опасноста воопшто ќе се случи.
• Го преувеличуваме неповолниот исход ако некоја ситуација се случи.
• Ги потценуваме сопствените капацитети да се носиме со тешкотиите.
• Ја поценуваме можноста дека ќе има некој што ќе ни помогне.
Стравот може да се надмине:
Практично – усогласување на терапијата со лекарот – ендокринолог
Емоционално – замена на нездравите со здрави емоции
Стравот е непријатна и нездрава емоција, а претпазливоста е непријатна, но здрава емоција. Стравот треба да го замениме со претпазливост или храброст. Животот со дијабетес бара доста храброст.

Променливата слика за себе, зошто често „паѓам“ како и мојот шеќер?

Лошата слика за себе се добива најчесто кога самите се критикуваме повеќе. Тоа е резултат на фактот што себеси си поставуваме превисоки критериуми, кои често се нереални. Глобалното вреднување на личноста е тогаш кога преку една постапка се карактеризира целата личност − се етикетира. Луѓето глобално се вреднуваат себеси, другите и животните околности. Една грешка или ситуација не може да нè направи неуспешни. Секоја личност си има повеќе разни карактеристики, но на голем број личности може да им биде една заедничка, а тоа е, на пример, дијабетесот. Не треба да се врши глобално вреднување на една личност бидејќи тоа доведува до нездрава емоција. Пофалбата треба да се однесува и на личноста, но и на нејзиното однесување, додека критиката треба да биде посочена кон однесувањето. Не постои неуспех, туку само моментален резултат.

Односите со другите и дијабетесот

Животот со дијабетес има само и некоја друга состојба, освен таквите што ги имаат другите луѓе. Вашата комуникација и очекувањата имаат големо значење за состојбата на дијабетес. Кога однесувањата ќе ги надминат нашите очекувања, тогаш не е добро за нас. Затоа треба добро да се испита позитивната намера на некое однесување, а да не се тргнува од некои претпоставки. Не се препорачуваат препораки со негативни пораки. Негативните пораки треба да се заменат со позитивни, помеки. Токсични однесувања се критика, презир, повлекување (игнорирање) и обвинување на другиот. На една негативна реакција треба пет позитивни за да се усогласат односите. За да се надмине некое токсично однесување, треба прво да се оцени за кое негативно однесување станува збор, а потоа да се заштитиме соодветно.
За критика – нежно придвижување.
За презир – градете култура на почитување.

НАСТАНИ

Настани организирани од Нашето здружение во претходниот период. Зачленете се на нашиот Newsletter за да добивате најнови информации за Нашите активности.

По повод Светскиот ден на дијабетесот, Здружението на дијабетичари на Општина Битола
15-11-2023

По повод Светскиот ден на дијабетесот, Здружението на дијабетичари на Општина Битола

 доби донација од 1.000 австралиски долари од Bitola Social Club - заедницата на битолските иселеници во Мелбурн, Австралија.

Овој активен клуб, кој претставува жива заедница на иселениците во Австралија со потекло од Битола, подаде рака на помош нагласувајќи ги силните врски и заедничките вредности на глобалната битолска заедница.
Денови на донирање во Битола!
15.11.2023

На плоштадот Магнолија сите станаа за поддршка на Здружение на дијабетичари на општина Битола. Купете си здрави производи 🥮 од компаниите поддржувачи и така донирајте!💥А, утре од 20ч во Skopje Event Center голем добротворен концерт на М2 и пријателите. З00 ден. донаторска влезница директно на каса 😘

Го возобновивме Клубот на одговорни бизниси.
16-09-2023

Под покровителство на Претседателот Stevo Pendarovski на настанот 36 компании ги потпишаа заложбите за силна посветеност на одржливиот развој и усвојување деловни практики кои се одликуваат со транспарентност, еколошка свест, инклузивност и почит за заедниците во кои работиме и вложуваме. Клубот на компаниите им овозможува да ги остварат и надградат своите практики за корпоративна одржливост, ООП, ESG и филантропија учествувајќи во неговите стручни програми што ги здружуваат за посилен учинок. Ги повикуваме заинтересираните компании да се приклучат во Клубот на одговорни бизниси и да ги создаваат промените што сакаат да ги видат. Настанот се организираше во рамки на проектот на USAID North Macedonia спроведуван од Конект во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право, Стопанска комора на северо-западна Македонија, Индиго и AmCham North Macedonia

Препораки за исхрана кај лица со дијабетес
04.10.2022

Natura Therapy - Ви благодариме за прекрасното стручно предавање на тема: ПРЕПОРАКИ ЗА ИСХРАНА КАЈ ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС. Благодарност и до д-р Катерина Адамова, специјалист ендокринолог од Клиничка болница Скопје, за многу битни препораки околу превентивните прегледи на пациентите за последиците од лошо регулирање на нивото на шеќерот во крвта. Во прилог на тоа објаснета е студијата со резултатите од примената на Diabetol forte во диететското регулирање на дијабетесот.

Доколку сакате да ги добивате најновите информации придружете се!!!
Споделете со Вашите пријатели!

Најновите содржини, настани и се поврзано со дијабетес ќе го добивате веднаш на Вашиот e-mail.

Ќе биде користено заедно со Нашата Политика за приватност