ПРОФ Д-Р ЌИРО ИВАНОВСКИ
Дијабет и орално здравје
За пациенти со Diabetes mellitus
Дијабетот е заболување во чија основа има метаболно нарушување, а се карактеризира со хронична хипергликемија.
Појавата на хипергликемијата е резултат на апсолутниот или релативниот недостиг на инсулин и на хепаталната гликонеогенеза.
Застапеноста на заболувањето покажува се поголем пораст во последниве години.
Ако во 2000-та година од дијабет боледуваа 180 милиони луѓе во светот, овој број во 2025 година се очекува да биде 320 милиони.
Кај пациентите со дијабет се присутни и бројни орални компликации, од типот на: ксеростомија, губење на забите, гингивит, пародонтопатија, одонтогени апсцеси и лезии на оралната лигавица. Најчести симптоми во усната празнина кај пациентите со Diabetes
mellitus се ксеростомијата и хипосаливацијата. Намаленото лачење на плунка предизвикува значителни орални проблеми какови што се: зголемена инциденца на кариес, на пародонтална болест, отежнато носење на протетските изработки, појава на
кандидијаза и мукозитис. Сите овие проблеми го намалуваат квалитетот на живот на засегнатите индивидуи.
Епидемиолошките студии потврдуваат дека дијабетесот е сериозен ризик фактор за пародонтопатија. Зголеменото ниво на гликоза во крвта, за три пати го зголемува ризикот за појава на пародонтопатија. Постои јасно утврдена врска помеѓу степенот на
хипергликемија односно помеѓу вредоста на гликозата во крвта со напреднатоста на пародонтопатијата. Постојат и докази кои укажуваат на двонасочна врска помеѓу дијабетесот и пародонтопатијата, при што дијабетесот го зголемува ризикот за
пародонтопатија, а инфламацијата на пародонтот негативно влијае на гликемиската контрола.
Пациентите со дијабетес тип 2 и напредната форма на пародонтална болест имаат 3,2 пати поголем ризик од смртност во споредба со лицата без или со почетна форма на пародонтална болест. Во литературата, постојат податоци дека третманот на
пародонтопатијата кај овие пациенти ја подобрува гликемиската контрола и ги намалува трошоците за третман на дијабетесот. Ксеростомијата, денталните и пародонталните компликации, и оралните
инфекции, присутни кај пациентите со дијабет, се должат како на квантитавните, така и на квалитативните отстапувања во главниот орален медиум - плунката. Од тие причини, освен контролирање на дијабетот и консултација со ендокринолог,
потребна е редовна контрола на оралното здравје и почеста посета на стоматолог, со оглед дека усната празнина е огледало на нашето тело и го одразува општо здравје и благосостојба.